ОВА Е НАШЕТО ПРВО ЧЕДО

Драги другари, пријатели, познаници и читатели

Добре ни дојдовте на нашиот блог " Гушни го светот". Прв пат пишувам блог и едвам се убедив себе си дека не е многу страшно да го отпочнам овој отворен дневник и да го престорам животот во отворена книга.  Но, решив да бидам блогер, па што сака нека биде. 


Да ви се претставиме. Јас сум Силвана, за пријателите и блиските Силве, a тој,  мојот г-дин совршен е Антон, мојот сопруг. Може ќе ви звучи премногу патетично, но ние сме како еден цел неделив ентитет, Силве & Тони.

Уште додека си бевме млад брачен пар сонувавме за топол дом исполнет со многу деца, смеа, џагор, пелени, шпилхозни, нокширчиња, колички  и бебешки плачки. Да, драги мои, сакав да изгледаме минимум три деца. Дури им давав и имиња на кутрите незачнати. Ама животот не ти бил желботека. Покрај сите можни обиди, не успеавме. 

Како и да е, после многу години, ние го предадовме тој фронт. Но затоа почнавме да работиме на нашето поинакво првороденче. Проектот "Гушни го светот" е нашето  прво дете. И знам, едностано  чувствувам дека овој пат ќе успееме. Едноставно, ова наше првенче мора да се роди и да заживее.

Тимот што работи на "Гушни го светот" многу ме потсетува на моето смејство кое две децении ми даваше безрезервна подршка при нашите шест неуспешни ин-витро оплодувања. Апостолски, Мима, Боро, Аце, Сале, и другите се моето ново семејство, моите нови доктори, моите сестри. Тие секојдневно вредно работат на остварувањето на нашиот сон. И не само посветено се подаруваат себе си во оваа заедничка мисија, туку работат на проектот како да им е последно. Тие се, едноставно, моето СЕ и за тоа сум им бескрајно благодарна.


Инаку, Тони е љубител на мотоциклите  повеќе од 40 години, а притоа му успеа да ме зарази и мене. Најверојатно бев една од ретките којашто, кога првиот пат се качи на мотор, се отепа од плачење. Првиот пат се качив на мотор само од љубов кон Тони зашто сакав да бидам мал дел од таа негова страст. Но, со времето јас несвесно се инфицирав до тој степен, што сега се подготвуваме со мотоцикл да ја заобиколиме планетата и да го гушнеме светот.

Верувајте, во нас има многу гушки и љубов заштедени од сите наши неизгушкани гушки за неродените ни чеда. Ја сочувавме во срцата негибната сета љубов која ја акумулиравме за нив, и сега сме подготвени да му ја разделиме на светот. Најпрвин  тргнавме да ја гушнеме нашата Макдонија. Потоа, собирајќи цел куп гушки, ќе тргнеме на мотор околу светот. Оттаму ќе понесеме драгоцени гушки што кријат приказни од целиот свет, за да ви ги подариме на сите Вас. Убедена сум дека сите луѓе во светот  им треба  многу љубов и топла прегратка.

Одлуката падна, Јас и Тони ќе се обидеме  да си го исполниме животниот сон. Одлуката беше тешка. Од нас сега се бара пожртвуваност и трасирање нови и неизвесни патишта. Не е едноставно, си ги напуштаме  работните места, удобноста на нашиот дом, сигурноста што ни ја пружа нашата земја за да заминеме во авантура. Кај нас, секако,  постои и стравот за сопственото здравје, стравот од непознатото, од несреќите на светот што ќе не пресретнат попатно. Да, но ние двајцата делиме исти стравови и иста страст. Во наредните 365 дена ние ќе бидеме неразделни 24/7, минувајќи стотици илјади километри, преку  сите континенти и преку 40 држави.  

Тешко е, знаеме, но не ни беше лесно ни кога цели 20 години поминувавме илјадници километри, тропавме по стотици врати во земјава и низ Европа, за да се најде најдобриот лекар што лечи стерилитет за да ни помогне.  Имаше многу солзи, чувство на нереализираност,  на безвредност.

Но затоа, овој пат мора да успееме! Мораме да го гушнеме нашето  прво чедо. Многу ќе ми значи вашата  подршка. Затоа, ве молам, коментирајте, бодрете не, укажете ни каде грешиме, бидете со мене тука, но не велете ми дека нема да успееме. 

Придружете ни се во овој наш  животен предизвик со Ваша искрена подршка,за заедно со Тони успееме да ја запишеме оваа трага,трага која како наследство ќе му ја подарима на светот и на Македонија.Дајте ни сила и крилја



Придружете ни се во предизвикот  да го израснеме нашето "прво" чедо!

Comments

  1. Силве. Од се срце ти посакувам да го пораснеме ова твое првенче и да ти помогнеме и во наше име, со Тони да го гушнете светот. Со љубов.....

    ReplyDelete
  2. This comment has been removed by the author.

    ReplyDelete
  3. Letajte,guskajte i zelbata Vi e veke ispolneta.Guski i od nas🤗🤗🤗🤗

    ReplyDelete
  4. Штом сте вие двајцата заедно, светот е гушнат ❤ среќно! И, не заборавајте да уживате, нон стоп 😍

    ReplyDelete
  5. И светот ќе е малечок за луѓе со срца како вашите !!
    Ви посакувам среќен пат и до следното видување после вашето враќање ве гушкам двајцата.
    Соништата живеат за да бидат остварени. Тогаш човек се чувствува исполнето !!

    ReplyDelete
  6. Со сета љубов и поддршка од мене за вашето успешно патешествие! Сигурна сум дека вашето прво чедо брзо ќе расте <3 <3 <3

    ReplyDelete
  7. Neka zelbata vi stane realnost.Srekno❤

    ReplyDelete
  8. Среќен пат, советувајте се со локалци за најбезбедни и најсигурни патишта, не се ослонувајте на навигација само.

    ReplyDelete

Post a Comment

Popular posts from this blog

This is our first born